Кина не пријави ниеден смртен случај од КОВИД-19 во последните 24 часа, првпат откако во јануари почна да ги објавува дневните бројки.
Националната здравствена комисија објави дека во земјата има 32 нови случаи на коронавирус, но сите се лица дојдени од странство.
Откако вирусот првпат беше идентификуван во Вухан пред Нова година, владата кажа дека починале 3.331 лице и имало 81.740 заразени. Овие бројки во меѓувреме беа надминати од неколку земји. Од утре, на жителите на Вухан повторно ќе им биде дозволено да излезат од градот, првпат откако тој беше ставен во карантин во средина на јануари.
САД вчера станаа трета држава со повеќе од 10.000 починати од КОВИД-19, додека бројката заразени порасна на речиси 370.000, најмногу на светот. Само во сојузната држава Њујорк има над 4.700 починати, но гувернерот Ендрју Куомо вели дека ширењето на заразата полека го достигнува својот врв.
„Бројките велат дека можеби има пресврт, но сѐ уште не е време за олеснување на рестриктивните мерки. Кризата е далеку од помината“, кажа Куомо.