Кинескиот претседател Шји Џинпинг ќе патува во Москва следната недела, при што ќе има разговори со Владимир Путин, потврдија официјални лица. Кремљ соопшти дека ќе се дискутира за „сеопфатно партнерство и стратешка соработка“.
Посетата следува откако Пекинг го изложи својот мировен план за Украина, кој со претпазливост беше примен од западот. Западните земји ја предупредија Кина да не ја снабдува Русија со оружје.
Кинеското министерство за надворешни работи објави дека Шји ќе престојува во Русија од 20 до 22 март на покана од Путин.
„Притоа ќе бидат потпишани неколку важни билатерални договори. Целта на средбата е да се продлабочи билатералната доверба“, кажаа од министерството.
Минатиот месец, и украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази желба да се сретне со Шји за да продискутираат за кинескиот предлог. Американските медиуми објавија дека по посетата на Русија, Шји ќе разговара со Зеленски преку видеоврска, но ова засега не е потврдено.