Посебен дезинфекциски тунел е поставен за да го заштити Владимир Путин од пренесување на коронавирусот.
Секој што сака да го посети Путин во неговата официјална резиденција во Ново-Огарјово мора да помине низ овој тунел, објави државната новинска агенција РИА. Таа го опишува дезинфекциското средство како пријатен облак од течност што ги прекрива облеката и сите изложени делови од телото.
Во почетокот на април, портпаролот на Путин, Дмитри Песков, кажа дека секој што сака да се види со рускиот претседател мора да се тестира за коронавирус. Самиот Песков претходно имаше позитивен тест.
Во Русија досега има повеќе од 500.000 заразени со коронавирус и повеќе имаат само Бразил и САД, но властите тврдат дека тоа се должи на програмата за масовно тестирање.
Откако почна епидемијата, Путин престојува во својата резиденција надвор од Москва и во петокот го имаше првото појавување во јавност од 9 мај.