Шпанија кажа дека ќе преземе сѐ што е неопходно за да го сопре ширењето на коронавирусот, откако бројката заразени во земјата порасна на 1.646, а 36 лица починаа.
Меѓу другото, на најмалку една недела ќе бидат затворени и двата дома на парламентот откако пратеник од редовите на крајнодесничарската партија Вокс имал позитивен тест на КОВИД-19. Шпанија е последната земја која не го ратификувала Пристапниот протокол на Македонија во НАТО.
„Работиме на тоа да го избегнеме италијанското сценарио. Со мерките што ги презедовме, мислам дека ќе успееме“, изјави министерот за здравство Салвадор Илја.
Шпанија ги затвори училиштата во некои региони, а сите спортски натпревари ќе се играат зад затворени врати.
И САД ја надминаа бројката од 1.000 заразени и се размислува за забрана на поголеми собири и за воведување карантини. Најкритично е во сојузните држави Вашингтон и Њујорк, а вонредна состојба е прогласена и во Мичиген и Масачусетс.
Ангела Меркел процени дека коронавирусот би можел да зарази 60-70% од германската популација, објави весникот „Билд“. Во земјата досега има 1.296 случаи и двајца починати.
„Поради коронавирусот се соочуваме со досега невиден предизвик. Сѐ зависи од нас“, изјави Меркел.
Откако Австрија забрани влез на луѓе од Италија, германскиот министер за здравство Јенс Шпан кажа дека затворањето на границите не е опција.
„Вирусот е во Германија, вирусот е во Европа. Тој ќе се шири и ако ги затвориме границите“, изјави Шпан.