Германија и остатокот од светот ќе мора да научат да живеат со коронавирусот и согласно тоа, да ги менуваат своите дневни навики на однесување, изјави заменик директорот на институтот за заразни болести „Роберт Кох“, Ларс Шаде. Според него, тоа подразбира социјално дистанцирање и стриктна хигиена во секојдневниот живот.
„Јасно е дека коронавирусот не може да биде искоренет во Германија, барем додека не се открие вакцина или нов третман. Постои консензус околу тоа. Ќе се обидеме да го вградиме вирусот во нашите секојдневни животи така што ќе го менуваме однесувањето за да го спречиме неговото ширење. Сега се наоѓаме во нова нормалност“, изјави Шаде.
Во Германија досега има 166.000 случаи на коронавирус, но стапката на заразата падна на 0,65, што значи дека десетмина заразени го пренесуваат вирусот на шест-седум други.
Шаде очекува пандемијата да трае уште многу месеци, веројатно и во следната година.
„Епидемијата е далеку од завршена. Нашиот пристап треба да биде да научиме да живееме со вирусот и да го контролираме“, смета Шаде.