Коронавирусот сега ги има погодено сите 50 американски сојузни држави откако и Западна Вирџинија го пријави првиот случај.
„Знаевме дека ова доаѓа“, изјави гувернерот Џим Џастис.
Во САД досега има повеќе од 6.300 заразени и 108 починати.
Откако веќе ги затвори училиштата, рестораните, кафулињата и културните институции, Њујорк размислува да воведе уште поригорозни мерки, налик на оние во Сан Франциско. Градоначалникот Бил ди Блазио изјави дека во наредните два дена ќе реши дали на 8,5 милиони жители ќе им нареди да останат во затворено.
„Тоа подразбира излегување од дома само ако е неопходно. Шетање куче или вежбање би било дозволено, но само ако се избегнуваат други луѓе. Тоа е многу, многу тешка одлука. Градот никогаш во својата историја не бил во ваква ситуација“, кажа Ди Блазио.
Властите на Сан Франциско веќе им наредија на своите 6,7 милиони жители да останат дома, мерка што ќе биде на сила до 7 април.
И Црна Гора потклекна пред КОВИД-19 откако досега беше последна европска држава во која тој не се појавил. Премиерот Душко Марковиќ вчера изјави дека во земјата се потврдени првите два случаи на коронавирус. Црна Гора веќе ги затвори границите, го запре јавниот превоз и ги затвори рестораните и училиштата.