КОСОВО ГИ ЗАСИЛИ ГРАНИЧНИТЕ КОНТРОЛИ СО СРБИЈА ПО АПСЕЊЕТО НА ТРОЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ, ВУЧИЌ ГО ОБВИНИ КУРТИ ДЕКА САКА ВОЈНА

    КОСОВО ГИ ЗАСИЛИ ГРАНИЧНИТЕ КОНТРОЛИ СО СРБИЈА ПО АПСЕЊЕТО НА ТРОЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ, ВУЧИЌ ГО ОБВИНИ КУРТИ ДЕКА САКА ВОЈНАОд последните блокади и нереди во Звечан (Фото: Ѓ. Личовски)

    Косово ги зајакна контролите на границата со Србија откако српските сили вчера уапсија тројца косовски полицајци, објави премиерот Албин Курти и побара итно ослободување на приведените.

    Белград и Приштина дадоа различни локации каде се случило апсењето, обвинувајќи се меѓусебно за илегално преминување на границата. Според српскиот претседател Александар Вучиќ, полицајците навлегле длабоко на територијата на централна Србија, додека косовските власти обвинија за нивно киднапирање.

    На граничниот премин Мердаре, најголемиот меѓу двете земји, денеска имаше долга колона на камиони по одлуката на Косово да забрани влез на српските производи и камиони.

    „Од безбедносни причини презедовме итни мерки за засилување на граничните контроли со Србија. Бараме моментално ослободување на тројцата киднапирани полицајци“, изјави Курти.

    Вучиќ синоќа го обвини Курти дека сака да предизвика војна по секоја цена.

    „Се наоѓаме на раскрсница дали ќе имаме војна или не. Курти сонува да биде Зеленски зашто нема воена биографија. Зборував со амбасадорите на САД, Франција, Италија, Германија и Британија да сторат сè што е во нивна моќ да го спречат Курти да не почне нова војна на Балканот“, изјави Вучиќ.

    Ова е последниот во серијата настани кои придонесоа за засилување на тензиите помеѓу Србија и Косово, а следува по нередите во Звечан, кога беа повредени и 30 мировници на КФОР.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира