КОСОВО ЈА ПРОТЕРА РУСКАТА НОВИНАРКА ДАРИЈА АСЛАМОВА ЗА ШПИОНАЖА И Ѝ ДАДЕ ПЕТГОДИШНА ЗАБРАНА ЗА ВЛЕЗ ВО ЗЕМЈАТА

    КОСОВО ЈА ПРОТЕРА РУСКАТА НОВИНАРКА ДАРИЈА АСЛАМОВА ЗА ШПИОНАЖА И Ѝ ДАДЕ ПЕТГОДИШНА ЗАБРАНА ЗА ВЛЕЗ ВО ЗЕМЈАТАКосовскиот министер за внатрешни работи сподели фотографии на Асламова со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. (Фото: Твитер)

    Руската новинарка Дарија Асламова е прогласена за „персона нон грата“ на Косово и ѝ е забранет влез во Косово во траење од пет години, објави на Фејсбук косовскиот министер за внатрешни Џељаљ Свечља.

    „Секој кој со одредени цели или директиви ќе ја прекрши или ќе се обиде да ја дестабилизира нашата земја, без сомнение ќе се соочи со силата на законите на Република Косово“, кажа Свечља.

    Асламова беше уапсена на северот на Косово, потврди вчера Свечља за Радио Слободна Европа. Тој вчера, исто така на Фејсбук, објави дека „многу земји докажаа дека се занимавала со шпионажа за руските воени разузнавачки служби и дека дејствувала под маската на новинарка“.

    На дел од фотографиите кои ги сподели косовскиот министер Асламова е може да се види со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и сирискиот претседател Башар ал Асад.

    „Нејзиниот обид да влезе во нашата земја, покрај тоа што се совпаѓа со настаните на северот на земјата, јасно ги докажува руските врски и пропаганда на која Србија веќе се приклучила и која има за цел да ја дестабилизира нашата земја“, кажа Свечља.

    Последните тензии во Косово се случија на 31 јули, пред почетокот на процесот на пререгистрација на српските автомобилски таблички со ознаки на градовите во Косово на таблички РКС (таблички на Република Косово) и воспоставување на реципрочни мерки од српските власти. Ова резултираше со блокади на границата, со што воведувањето на новите регистрации беше одложено за еден месец. Вчера пак имаше и пукање во правец на чамецот на косовска патрола близу српската граница, за што Свечља обвини дека „илегалните српски групи прават напори да ја попречат работата на косовските власти“.

    На Асламова веќе ѝ беше забранет влез во Молдавија во 2017, додека работеше за рускиот медиум Комсомолскаја правда, кој е познат по своите проруски ставови. Молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа објави дека безбедносните служби го одбиле нејзиниот влез „бидејќи не можела да ја оправда причината за посетата“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира