Српскиот претседател Александар Вучиќ ја стави војската во состојба на борбена готовност откако утрово специјалната косовска единица РОСУ тргна да апси Срби, припадници на косовската полиција.
Агенцијата „Тањуг“ соопшти дека двајца Срби се полесно повредени во пукањето што после шест часот се случи во реонот на селото Доње Вараге во општина Зубин Поток. Српските медиуми објавија дека биле испукани над 200 куршуми. На самото место се распоредени 15 оклопни возила на РОСУ, кои урнаа две помали барикади што биле поставени од локалното население. Тие исто така фрлаат шок бомби за да го растераат населението.
Вучиќ свика седница на Советот за национална безбедност и ја предупреди Европска Унија дека Србија ќе реагира доколку РОСУ не се повлече од северот на Косово.
Според досегашните информации, уапсени се 13-мина Срби, припадници на косовската полиција, обвинети дека се вмешани во организиран криминал. Медиумите од Приштина објавија дека меѓу уапсените има и Албанци. Косовскиот премиер Рамуш Харадинај потврди дека имало апсења и дека „станува збор за операција против шверц и организиран криминал“.
Акцијата сѐ уште е во тек, бидејќи РОСУ не завршил со апсењата.