Американските разузнавачки агенции велат дека можеби никогаш нема да го идентификуваат потеклото на ковид-19, но заклучиле дека не бил развиен како биолошко оружје.
Канцеларијата на директорот на Националното разузнавање смета дека трансмисијата од животно на човек и протекувањето од лабораторија се двете најприфатливи хипотези како почнал да се шири коронавирусот. Сепак, нема доволно информации за да се изведе конечен заклучок.
Кина го критикуваше извештајот, кој претставува ажурирана верзија на 90-дневната ревизија што администрацијата на Џо Бајден ја објави во август.
Во него се вели дека разузнавачката заедница останува поделена по прашањето за најверојатното потекло на вирусот. Четири агенции оцениле дека имаат ниска доверба во информациите дека коронавирусот потекнал од заразено животно или од друг сроден вирус. Една агенција смета дека има шанси првото пренесување на вирусот на човек да е резултат на лабораториски инцидент, веројатно при експериментирање во Институтот по вирусологија во Вухан.
Во извештајот се вели и дека кинеските власти не биле свесни за постоењето на вирусот пред првото негово ширење во Вухан на крајот на 2019. Кинеските власти во прв момент ја поврзаа појавата на вирусот со пазар за морска храна во Вухан, додека американските медиуми во почетокот на оваа година почнаа да сугерираат дека излегол од лабораторијата во Вухан, веројатно случајно.