Ширењето на коронавирусот во Северна Кореја почнало откако граѓаните допреле „странски предмети“ кои паднале близу границата со Јужна Кореја, објавија државните медиуми. Граѓаните се советуваат да бидат внимателни ако видат предмети кои долетале од другата страна на границата.
Со години, активисти од Јужна Кореја пуштаат балони преку границата за да испратат летоци и хуманитарна помош. Сеул вели дека нема шанси коронавирусот да преминал во Северна Кореја на тој начин.
Според севернокорејските медиуми, официјална истрага утврдила дека две лица кои се заразиле со коронавирусот во почетокот на ширењето биле во контакт со неидентификувани материјали покрај границата. Осумнаесетгодишен војник и петгодишно дете имале позитивен тест во почетокот на април откако нашле предмети на еден рид.
„Оттогаш, коронавирусот брзо се прошири низ Северна Кореја“, објавија медиумите.
Поради тоа, граѓаните се советуваат да внимаваат на странски предмети кои дошле во земјата со ветер или други климатски феномени или со балони. Иако Јужна Кореја не е директно посочена, тамошните власти децидно го демантираа ова објаснување на Пјонгјанг.
До неодамна, Северна Кореја тврдеше дека немала ниеден случај на коронавирус, а од крајот на април се бореше со силен бран со 4,7 милиони случаи на „треска“. Властите велат дека бројките значително паднале во изминатите недели.