КРАЈНАТА ДЕСНИЦА ОЧЕКУВА ИСТОРИСКА ПОБЕДА НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ВО АВСТРИЈА

    КРАЈНАТА ДЕСНИЦА ОЧЕКУВА ИСТОРИСКА ПОБЕДА НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ВО АВСТРИЈАЛидерот на Партијата на слободата, Херберт Кикл, се опишува себеси како народен канцелар, термин што се користеше за Адолф Хитлер во 1930-тите (Фото: Гети)

    Австријците денеска излегуваат на парламентарни избори, на кои за првпат би можела да победи крајнодесничарската Партија на слободата (ФПО), која сега е во опозиција.

    Пред пет години, оваа партија беше принудена да излезе од владејачката коалиција поради корупцискиот скандал „Ибицагејт“, но сега, предводена од Херберт Кикл, е на прагот на историска победа. ФПО тесно водеше пред владејачките конзервативци во предизборните анкети, додека на третото место беа Социјалдемократите.

    Сепак, дури и ако Партијата на слободата победи, се верува дека ниедна партија нема да има доволно пратеници за чисто мнозинство, па формирањето коалиција би можело да оди тешко.

    ФПО успешно ја искористи загриженоста на јавноста за миграцијата, зголемената инфлација и војната во Украина, па со месеци се предвидуваше дека ќе освои 27% гласови, 2% повеќе од Австриската народна партија.

    Во кампањата, Кикл се опишуваше себеси како фолксканцелар или народен канцелар, термин што се користеше за Адолф Хитлер во 1930-тите, што загрижи дел од Австријците.

    Оваа партија била основана од бившите нацисти во 1950-тите и како и останатите европски крајнодесничарски партии, зазема цврст став кон имиграцијата и исламот и ветува дека ќе го намали мешањето на Брисел во националните прашања. Кикл, кој порано беше министер за внатрешни работи, исто така ја усогласи својата партија со нелибералниот демократ Виктор Орбан и има помирувачки тон кон Русија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира