Франција денеска гласа на едни од најзначајните избори во поново време, на кои крајната десница се надева на историска победа, иако политички ќор-сокак е најверојатниот исход. Ова е првпат антиимиграциската партија Национален собир (РН) на Марин Ле Пен и Жордан Бардела да има реални шанси за водење влада и за преземање контрола врз Националното собрание.
Но, по убедливата победа на РН во првиот круг минатиот викенд, стотици ривалски кандидати тактички се повлекоа од трката, давајќи им подобри шанси на други да ја поразат крајната десница. Гласачките места се отворени до 20 часот и потоа ќе бидат објавени и првите резултати на изборните анкети. Каков и да биде резултатот, за претседателот Макрон нема да биде многу позитивен.
Пред четири недели, тој го распушти парламентот и свика вонредни избори набргу откако стана јасно дека РН победил на изборите за Европскиот парламент, што ја внесе државата во голема политичка неизвесност на неколку недели до почетокот на Олимписките игри во Париз. Се стравува дека по изборите би можело да има насилства, а протест најавен за вечерва пред парламентот е забранет.
Ле Пен и Бардела ги обезбедија своите места во парламентот во првиот круг, но за други 500 места ќе се решава денеска и дуелите вклучуваат двајца или тројца кандидати. Од трката се повлекоа 217 кандидати, од кои 130 од левичарскиот Нов народен фронт и 81 од алијансата Заедно на Макрон, што драматично го менува балансот на изборите.
Проекциите по првиот круг кажуваа дека РН има големи шанси да го обезбеди потребното мнозинство од 289 пратеници, но финалните анкети од петокот покажаа дека тоа сега е надвор од дофат и дека ќе освои максимум 205-210 места. Меѓу партиите кои се обидуваат да ја блокираат победата на РН се радикалната левица, комунистите, зелените, центристите на Макрон и конзервативците, кои велат дека ја бранат Петтата Република од екстремните политики на крајната десница.