Алтернатива за Германија (АфД) извојува убедлива победа во источната германска покраина Саксонија-Анхалт и иако не успеа да освои апсолутно мнозинство, од партијата велат дека добиле мандат за составување влада. Крајнодесничарската партија обезбеди 43,8% од гласовите, а конзервативната ЦДУ 17,2%, според привремените резултати на државната изборна комисија.
Харизматичниот лидер на АфД во покраината, Улрих Зигмунд, рече дека ова е сензационален резултат и дека сакаат да започнат со владеење што е можно поскоро.
Ова е првпат крајната десница да победи на едни избори во Германија по Втората светска војна, а управувањето на покраинско ниво би значело овластувања врз полицијата, локалното образование и културата. Саксонија-Анхалт има мало население од 2,1 милион жители, а домашните разузнавачки служби ја означија АфД во покраината како „десничарски екстремистичка“, класификација што ја отфрли 35-годишниот Зигмунд.
Коментаторите и политичките противници го оценија исходот како пресвртница и раскинување со минатото. Телевизискиот канал „Дас Ерсте“ ја откажа својата легендарна криминалистичка драма „Tatort“ за да се фокусира на анализите на резултатот.
„Ова не е само за Саксонија-Анхалт. Тоа е сигнал за цела Германија, самоуверен сигнал“, рече Зигмунд.
Доналд Трамп објави исечок од ТВ-прогноза на изборните резултати на својата платформа Трут соушл, на што се надоврза советникот на Кремљ, Кирил Дмитриев, кој ја пофали „историската победа за прагматичната АфД“.
Поинакво расположение имаше во Полска, чиј премиер Доналд Туск рече дека „во Полска само идиоти и предавници можат да се радуваат на триумфот на АфД“.
Се очекува АфД да има 39 пратеници во 83-члениот покраински парламент, додека за целосно мнозинство се потребни 42. Зигмунд досега одбиваше да предводи малцинска влада, иако националните лидери на партијата го гледаат тоа како можност.
„Доколку е потребно, ќе има нови избори, тогаш би добиле 50 или 55% гласови“, рече Зигмунд, велејќи дека е подготвен да соработува со поединечни пратеници или со некоја партија.
Клучна за тоа би можела да биде левичарската популистичка партија БСВ, која е на пат да освои пет пратенички места и би можела да му помогне на Зигмунд да дојде на власт. БСВ е исто така строга во однос на миграцијата и го поддржува увозот на руски гас, при што не ја отфрли можноста за соработка со АфД.



