Британската кралица Елизабета Втора се појави на балконот на Бакингемската палата во финалето на прославата на нејзиниот платинест јубилеј – 70 години на тронот. Таа се насмевнуваше и мавташе додека стоеше покрај принцот Чарлс, Камила и војводата и војвотката од Кембриџ Вилијам и Кејт со нивните деца, а имаше воодушевен аплауз од толпата која беше изненадена, но и воодушевена што ја виде. По кусо време, кралицата се врати во палатата.
На крајот на прославата кралицата упати порака со благодарност: „Понизна сум и длабоко трогната што толку многу луѓе излегоа на улиците за да го прослават мојот платинест јубилеј. Иако можеби не присуствував лично на секој настан, моето срце беше со сите вас; и останувам посветена да ви служам најдобро што можам, поддржана од моето семејство. Бев инспирирана од добрината, радоста и сроденоста што беа толку очигледни во последните денови и се надевам дека ова обновено чувство на заедништво ќе се чувствува уште многу години. Најискрено ви благодарам за вашите добри желби и за уделот што сите го дадовте во овие среќни прослави“.
96-годишната кралица вчера и завчера не можеше да присуствува на настаните за прославата на историскиот јубилеј, откако последниве месеци има проблеми со движењето. Kралицата се појави во јавноста само двапати за време на четиридневните празнични прослави за викендот. Официјалните лица рекоа дека таа доживеала „непријатност“ за време на тие настани во четвртокот. Сепак, во четвртокот таа беше видена како ги гледа војниците од балконот на Бакингемската палата, а исто така изненади и со претходно снимено појавување во скеч со мечето Падингтон, во кое открива дека во чантата секојпат си носи сендич со мармалад.
Денеска пред палатата со часови минуваше огромна поворка, во која учествуваат 10.000 луѓе – меѓу кои и војската, уметниците и клучните работници. Карневалска поворка долга 3 километри – во која учествуваат познати личности од секоја деценија од владеењето на кралицата – се движеше низ Лондон Мол и покрај палатата, а во финалето на парадата Ед Ширан ја испеа химната. Во меѓувреме, повеќе од 85.000 луѓе беа домаќини на големи јубилејни ручеци, а принцот Чарлс и Камила се придружија на гозбата на теренот за крикет Овал во јужен Лондон.
Кралицата Елизабета е монарх со најдолго владеење на монархот во Обединетото Кралство. Таа е на тронот 70 години од 1952, што ѝ овозможува на Британија за првпат да прослави кралски платинест јубилеј. По неа следи кралицата Викторија, која владеела од јуни 1837 до нејзината смрт во јануари 1901, вкупно 63 години и седум месеци. Зад нив се Џорџ Трети кој владеел 59 години и Хенри Трети 56 години.