Сестрата на креаторот на ЧетГПТ Сем Алтман поднесе тужба во која тврди дека тој сексуално ја злоставувал меѓу 1997 и 2006. Ен Алтман во тужбата наведува дека злоставувањето почнало кога таа имала три, а тој 12 години.
Алтман, кој е извршен шеф на компанијата „ОпенАИ“, ги негираше обвинувањата во заедничка изјава со мајка му и двајцата браќа.
„Сите овие тврдења се целосно неточни. Грижата за член на семејството кој има ментални проблеми е неверојатно тешка“, стои во соопштението.
Алтман вели дека финансиски ја поддржувал сестра му, ѝ плаќал кирија и сметки и понудил да ѝ купи куќа, но „таа продолжила да бара уште пари“.
Ен Алтман тврди дека тој ја допирал недолично, манипулирал со неа и вршел полови дејствија врз неа во период од неколку години, што вклучува силување, сексуален напад, содомија и злоставување. Таа додава дека поради сето ова претрпела тешки телесни и емоционални повреди и страдала од депресија.
„Со текот на годините се обидовме на многу начини да ја поддржиме Ени и да ѝ помогнеме да најде стабилност. Барав и професионален совет како да ѝ бидам поддршка. Оваа ситуација предизвикува огромна болка на целото наше семејство“, кажа Сем Алтман.