Украински и европски функционери го обвинија рускиот претседател Владимир Путин дека лажно се интересира за мировните напори откако петчасовните разговори со американските претставници во Кремљ не донесоа напредок и компромис околу Украина. Кремљ притоа кажа дека делови од предложениот мировен план се неприфатливи за Русија.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Путин треба да престане да го троши времето на светот.
Путин вчера се сретна со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џеред Кушнер и иако деталите од разговорите не се објавени, Русија кажа дека некои американски предлози изгледаат прифатливо, а некои не ѝ одговараат.
„Не би било коректно да се каже дека претседателот Путин ги отфрлил американските предлози за мир за време на вчерашните разговори со Виткоф и Кушнер. Вчера за првпат се случи директна размена на мислења. Нешто беше прифатено, нешто беше означено како неприфатливо. Ова е нормален работен процес и потрага по компромис“, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, одбивајќи да навлегува во детали.
Планот првично се состоеше од 28 точки, но по критиките од Киев и европските земји дека ја фаворизира Русија и ѝ дава премногу отстапки, беше ревидиран и намален на американско-украинските разговори во Женева.
Виткоф и Кушнер денеска се во Киев за да ја известат Украина за разговорите во Москва, додека министрите за надворешни работи на членките на НАТО се на средба во Брисел. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кажа дека партнерите на Украина ќе продолжат да праќаат воена помош за да се одржи притисокот врз Москва.
„Мировните преговори се во тек. Тоа е добро. Но, во исто време, мора да се осигураме дека Украина е во најсилна можна позиција да продолжи со борба“, рече Руте, предупредувајќи дека Русија се подготвува за долготрајна конфронтација со Европа.
Канада, Германија, Полска и Холандија објавија дека ќе издвојат дополнителни стотици милиони долари за купување американско оружје за Украина.



