Доналд Трамп изјави дека Крим ќе остане руски, според предложениот мировен план за крај на војната во Украина. Во интервјуто за магазинот „Тајм“ по повод неговите 100 дена во Белата куќа, Трамп кажа дека Русија немаше да го анектира Крим во 2014 доколку тој беше претседател на САД во тоа време.
„Крим им беше предаден на нив од Барак Хусеин Обама, не од мене. Доколку јас бев претседател, тоа немаше да се случи“, кажа Трамп.
Запрашан дали би прифатил Крим да биде вклучен во Русија како дел од мировен договор, Трамп одговори:
„Крим ќе остане со Русија. Володимир Зеленски многу добро го разбира тоа и сите го разбираат“.
Можноста дека САД ќе го признаат рускиот суверенитет врз Крим долго време се смета за клучен елемент на секаков мировен договор со Русија, што беше отфрлено од Зеленски. Во средата, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс кажа дека мировен план предвидува блокада на членството на Украина во НАТО и замрзнување на линиите на фронтот блиску до она каде што се наоѓаат сега.
Откако Зеленски кажа дека Украина никогаш нема да ја признае руската анексија на Крим, Трамп го обвини дека таквите изјави им штетат на мировните разговори. Признавањето на анексијата не само што би било политички невозможно за Зеленски, туку и би било спротивно на меѓународните правни норми дека границите не смеат да се менуваат со сила.