Славната новинарка Кристијан Аманпур објави дека заминува од „Си-Ен-Ен“ по 43 години во ТВ-мрежата.
„По внимателно размислување неколку месеци и неколку бессони ноќи, решив да се разделам од ‘Си-Ен-Ен‘. Моите дневни емисии на ‘Си-Ен-Ен‘ и ‘Пи-Би-Ес‘ ќе завршат на крајот од оваа година. Но, ‘Си-Ен-Ен‘ и јас постигнавме мирна транзиција, во која ќе продолжиме да ја емитуваме емисијата ‘Аманпур‘ еднаш неделно до јуни“, изјави 68-годишната Аманпур.
Аманпур, која стана позната по нејзиното известување од големите воени зони, не ја наведе причината за заминувањето. Сепак, нејзината оставка следува неколку недели откако матичната компанија на „Си-Ен-Ен“, „Ворнер брос Дискавери“, беше официјално преземена од „Парамаунт Скајденс“. Спојувањето предизвика загриженост во врска со независноста на редакцијата на „Си-Ен-Ен“, бидејќи новите сопственици, семејството Елисон, важат за блиски на Доналд Трамп.
Аманпур, која е родена во Лондон од татко Иранец и мајка Британка, се приклучи на „Си-Ен-Ен“ во 1983 како асистент. Како новинарка известуваше за големи војни и конфликти во 1990-тите и интервјуираше многу светски лидери.



