КРИЗА СО ЃУБРЕТО ВО СОФИЈА, БОРИСОВ МУ НУДИ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДА КУПИ КАМИОНИ БЕЗ ТЕНДЕР

    КРИЗА СО ЃУБРЕТО ВО СОФИЈА, БОРИСОВ МУ НУДИ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДА КУПИ КАМИОНИ БЕЗ ТЕНДЕРСо денови не е собрано ѓубрето во две софиски населби. (Фото: Дарикњуз)

    Криза со собирањето на отпадот погоди над 300.000 жители во софиските населби „Љулин“ и „Красно село“, откако градските власти одбија да потпишат договор со компанијата што победила на јавната набавка поради понудени превисоки цени. Како решение на проблемот, лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов, му понуди поддршка на градоначалникот на Софија, Васил Терзиев, предлагајќи донесување на итен закон што ќе му овозможи на градот да набави камиони и да вработи персонал без спроведување на јавни набавки.

    Проблемот настана откако и општинското претпријатие одбило да го преземе чистењето на овие две населби. Се очекува кризата да трае до 19 октомври, а како привремено решение, градското претпријатие за третман на отпад го презеде управувањето и постави големи контејнери. Властите апелираа до граѓаните да ги користат и контејнерите за селективно собирање отпад.

    Борисов ја спореди сегашната ситуација со слична криза од времето кога тој беше градоначалник на Софија.

    „Гледам апсолутно повторување на кризата со ѓубрето. Кога бев градоначалник, прво ја затворија депонијата во Суходол, имаше протести. Јас тогаш се спротивставив, победив и Софија со години беше најчистата престолнина во Европа“, изјави Борисов.

    Тој му понуди на Терзиев решение.

    „Му предлагам на Терзиев да поднесе еден лист хартија за вонреден закон, поврзан со еко-катастрофа, и ние ќе му изгласаме без јавни набавки да купи камиони и да вработи луѓе за да се справи со проблемот. Ќе има 66 пратеници ‘за’, ако сака да ја заврши работата“, рече Борисов, додавајќи дека понудата не е за помош за градоначалникот, туку за граѓаните на Софија, кои не се виновни за проблемот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира