Двајца луѓе во сериозна состојба пристигнаа во Холандија откако беа евакуирани од холандскиот крузер „Хондиус“, на кој е потврдено ширење на смртоносниот хантавирус. Третиот евакуиран патник е во стабилна состојба.
„Хондиус“ сега плови кон Канарските Острови, откако три дена беше закотвен покрај островската држава Зелен ‘Рт во Тихиот Океан. Тројца патници починаа откако крузерот исплови од Аргентина пред околу еден месец и досега се потврдени три случаи на хантавирус, кој ретко се пренесува помеѓу луѓе.
Еден од евакуираните патници, 63-годишен германски државјанин, е поврзан со жената која почина на бродот на 2 мај.
Две американски сојузни држави објавија дека следат тројца патници кои се вратиле во САД откако порано биле на бродот. Тие засега немаат симптоми. Швајцарија потврди дека поранешен патник на бродот имал позитивен тест за хантавирус и се наоѓа во болница во Цирих.
Вкупно 146 луѓе од 23 држави остануваат на бродот под строги мерки на претпазливост, објави организаторот на патувањето „Оушнвајд експедишнс“. Светската здравствена организација кажа дека досега се идентификувани три случаи на хантавирус и пет потенцијални, сите поврзани со крузерот „Хондиус“.
Хантавирусот најчесто се шири преку изметот и урината на глодарите, а помеѓу луѓе се пренесува во ретки случаи. Болеста започнува со симптоми слични на грип и може да доведе до срцева и белодробна инсуфициенција, при што околу 40% од случаите резултираат со смрт, според американските центри за контрола и превенција на болести.
Здравствените власти нагласија дека ризикот од пренесување на пошироката јавност е низок.



