Куба претставува закана за националната безбедност на САД и шансите за мировен договор не се многу големи, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио. Неговите коментари следуваат откако САД го обвинија за убиство бившиот кубански претседател Раул Кастро, што е поврзано со соборувањето на два цивилни авиона во 1996 година, кога загинаа четворица луѓе.
„Вашингтон преферираа дипломатско решение, но веројатноста тоа да се случи, со оглед на тоа со кого си имаме работа во моментов, не е голема. Претседателот Трамп има право и обврска да ги заштити САД од секоја закана“, рече Рубио, кој по потекло е Кубанец.
Тој, исто така, ја обвини Куба дека е еден од водечките спонзори на тероризмот во целиот регион.
Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригес го обвини Рубио за лажење.
„Рубио се обидува да поттикне воена агресија. Куба никогаш не била закана за САД“, кажа Родригес и ја обвини американската влада за безмилосно и систематско напаѓање на неговата земја.
Русија и Кина вчера ѝ изразија поддршка на Куба, при што Пекинг го предупреди Вашингтон да престане да ѝ се заканува.
Куба страда од енергетска криза, влошена од американската блокада на увозот на нафта, додека е под притисок од администрацијата на Трамп да склучи договор. Рубио рече дека Куба ја прифатила понудата на САД за хуманитарна помош од 100 милиони долари.
Трамп рече дека Куба е пропадната земја и дека неговата администрација се обидува да ѝ помогне на хуманитарна основа.
„Кубанските Американци сакаат да се вратат во својата земја и да ѝ помогнат да успее“, кажа Трамп.



