Министерот за надворешни работи на Куба, Бруно Родригес, ги обвини САД дека спремаат лажен случај за да извршат воена интервенција, по извештаите дека Хавана планира напади со дронови врз Флорида.
„Куба ниту се заканува, ниту посакува војна“, рече Родригес.
Сајтот „Аксиос“ цитираше американски разузнавачки извори дека Куба поседува 300 дронови и разгледува опции за напади врз американски мети. Истите извори велат дека ирански воени советници биле во Хавана.
Куба се бори со голема енергетска криза, засилена од американската блокада на увозот на нафта и се наоѓа под притисок да склучи договор со владата на Доналд Трамп, која ѝ нуди помош од 100 милиони долари. Трамп се закани дека Куба е следна откако американските сили го заробија претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.
„Без никаков легитимен изговор, владата на САД гради лажен случај за да ја оправда суровата економска војна против кубанскиот народ и евентуална воена агресија. Куба не сака војна, туку се подготвува за надворешна агресија и самоодбрана“, кажа Родригес.
Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел изјави дека секоја воена акција против Куба би довела до крвопролевање со непроценливи последици за регионалните мир и стабилност.
„Куба не претставува закана“, рече Дијас-Канел во објава на Икс.



