Дел од опремата во институтот за вакцини „Финли“ во Хавана би можел да се смета за застарен, но науката што се одвива внатре е најсовремена.
Тамошните истражувачи работат долги смени за да ѝ ја обезбедат најдобрата шанса на Куба да ја реши својата криза со коронавирусот: „соберана 2“, домашно произведена вакцина против ковид-19. Во наредните недели, вакцината ќе се тестира на десетици илјади волонтери.
„Резултатите од првите клинички тестирања се охрабрувачки и многу важни. Планот ни е прво да го имунизираме целото наше население, а потоа ќе почнеме и со комерцијално производство на ‘соберана 2‘. Очекуваме да имаме 100 милиони дози во текот на 2021“, изјави директорот на институтот Висенте Венес Бенкомо.
Ова е амбициозна, но реалистична цел за Куба, која има повеќе од 30 години искуство во биотехнологија и имунологија.
На крајот на 1980-ите, кубанските научници ја развија првата вакцина против менингитис Б, а тогашниот лидер Фидел Кастро го отвори „Финли“, со цел земјата да се справи со повеќедецениското ембарго наметнато од САД. Сепак, Куба нема капацитети сама да произведе 100 милиони дози од вакцината.
„Нашите главни контакти се Европа и Канада. За жал, САД засега нема да учествуваат“, вели Бенкомо.
Куба е во трка со времето зашто ситуацијата со коронавирусот се влошува и земјата бележи повеќе од 1.000 нови случаи на ден за првпат од почетокот на пандемијата.
Куба досега успеваше да го држи вирусот под контрола и имаше ригорозен пристап кон запирањето на ширењето на заразата, што беше потпомогнато од тамошниот превентивен, универзален и добро екипиран здравствен систем. Рано ги затвори границите и училиштата, го запре јавниот превоз и воведе задолжително носење маска и карантин за голем број луѓе. Властите исто така испраќаа десетици илјади семејни лекари, медицински сестри и студенти по медицина по домовите за секојдневно спроведување скрининзи.