Кубанските власти објавија дека ковид вакцината „абдала“ развиена во оваа земја има делотворност од 92%, што ја става на речиси исто ниво со оние на „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“, објави „Дојче веле“.
Вакцината е именувана според ликот од песна на кубанскиот поет и национален херој Хосе Марти. За Кубанците, тоа е совршено име за првата ковид вакцнна развиена во Латинска Америка, во земја обременета со санкции. Куба веќе неколку децении жилаво опстојува под економската блокада на САД, но спротивно на остатокот на континентот, не беше тешко погодена од пандемијата, што се должи на високо развиениот здравствен систем и на кадарот врвни научници.
Еден од нив е Херардо Енрике Гилен Нието, директорот за биомедицински истражувања во Центарот за генетски инженеринг и биотехнологија во Хавана, каде што беше развиена „абдала“.
„Работев деноноќно откако почна пандемијата, без одмор. И многу сме еуфорични, зашто резултатите ги надминаа сите наши очекувања. Знаевме дека вакцината е добра, но ова не го очекувавме“, вели Нието.
Според резултатите од клиничките тестирања, „абдала“ има 92-процентна ефективност против ковид-19 и се дава во три дози на секои две недели. Куба почна со имунизацијата во мај, а освен „абдала“, се користи уште една домашна вакцина, „соберана-2“. Не сакајќи да биде зависна од никого, Куба одби вакцини од Русија и Кина и не сакаше да се приклучи на Ковакс иницијативата.
„Знаевме дека мора да се потпреме на сопствени сили и знаења. Нашиот здравствен систем е бесплатен и централизиран и брзо реагира во случај на катастрофа“, вели Нието.
Околу 2,2 милиона Кубанци досега примиле една доза, а 900.000 три дози. Планирано е 70% од населението да биде вакцинирано до август.