КУРТИ ГО ОБЈАВИ ОРУЖЈЕТО ШТО ГО ЗАПЛЕНИЛА ПОЛИЦИЈАТА ПО ПРЕСТРЕЛКИТЕ ВО НЕДЕЛАТА И ЈА ОБВИНИ СРБИЈА ЗА ПОДДРШКА НА НАПАЃАЧИТЕ

    КУРТИ ГО ОБЈАВИ ОРУЖЈЕТО ШТО ГО ЗАПЛЕНИЛА ПОЛИЦИЈАТА ПО ПРЕСТРЕЛКИТЕ ВО НЕДЕЛАТА И ЈА ОБВИНИ СРБИЈА ЗА ПОДДРШКА НА НАПАЃАЧИТЕНа листата запленети работи се и 24 џипа и едно оклопно возило (Фото: АП)

    Косовскиот премиер Албин Курти објави што сѐ запленила полицијата по вооружениот инцидент на северот на земјата во неделата, во кој загинаа еден полицаец и четворица напаѓачи. Тој притоа ја обвини Србија дека им дала поддршка на напаѓачите, за кои претходно кажа дека биле околу 30.

    „Воените оружје и опрема што ги заплени полицијата на Косово по антитерористичката операција во неделата не оставаат простор за сомнеж: извршителите не делуваа сами, туку со поддршка од држава. Србија мора да сноси одговорност за поддршката на терористичкото насилство на територијата на Косово“, напиша Курти на социјалната мрежа Икс.

    На листата запленети работи се и 24 џипа и едно оклопно возило, како и осум нагазни мини, 36 рачни ракетни фрлачи и 142 минофрлачи. Курти кажа дека се запленети и 5,5 килограми експлозив, 20 килограми ТНТ, 30 „калашникови“, 75 рачни бомби, поголемо количество муниција, како и разна друга опрема.

    Во Србија утре ќе биде ден на жалост поради трагичните случувања во Косово. Според непотврдени информации, загинатите Срби се жители на северот на Косово. Шест лица се уапсени, од кои двајца напаѓачи и четворица кои им давале поддршка.

    „Напаѓачите кои не се неутрализирани или уапсени успеале пешки да заминат од манастирот во Бањска. Тие зад себе ги оставија возилата што ги користеле во нападот“, изјави вчера генералниот директор на косовската полиција Газменд Хоџа.

    Српскиот претседател Александар Вучиќ и Курти меѓусебно се обвинуваат за една од најголемите безбедносни кризи во Косово во последните години. Вучиќ го осуди убиството на полицаецот, но го обвини Курти дека инцидентот е резултат на провокации кои траеле со месеци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира