Лабуристичката партија утре ќе ја формира новата влада на Австралија со поддршка од Зелените и независните, ставајќи крај на речиси десетгодишното владеење на конзервативната коалиција. Ентони Албениз ќе го замени Скот Морисон на премиерската функција, но засега е нејасно дали Лабуристите ќе ги имаат потребните 76 пратеници за да имаат мнозинство во долниот дом на парламентот.
„Сакам да ја променам земјата, сакам да го променам начинот на кој политиката функционира во земјата“, кажа 59-годишниот Албениз, кој ќе биде 31. премиер на Австралија.
Тој најави и нова насока во климатската политика на земјата, за која кажа дека би можела да биде суперсила на полето на обновлива енергија.
„Имаме можност да ставиме крај на климатските војни во Австралија. Австралиските бизниси знаат дека акција против климатските промени е добра за работните места и економијата и сакаме да се придружиме на глобалните напори“, изјави Албениз, кој себеси се опишува како градител.
Сепак, тој досега одбиваше да вети постепено откажување од јагленот и дека нема да се отвораат нови рудници.
Албениз стана лидер на Лабуристите пред три години, но е значаен член на партијата повеќе од три децении.