Десничарската партија на Марин Ле Пен освои повеќе гласови од центристичката алијанса на претседателот Емануел Макрон, според излезните анкети во Франција на изборите за Европскиот парламент, што се одржуваат низ земјите од ЕУ од четвртокот до денеска. Макрон доживеа тесен пораз среде зголемена излезност на изборите низ целата Европска унија, а националистите добија повеќе места од претходно во многу земји.
Националниот фронт на Ле Пен се очекува да освои едно место повеќе од Ен Марш на Макрон, според излезната анкета.
Според проекциите на германската национална телевизија АРД, двете најголеми групи во Европскиот парламент, Европската народна партија (ЕПП) и Социјалистите и демократите (СД), ќе освојат намален број места во новиот состав. ЕПП би требало да заврши со 174 места од вкупно 751 во Европскиот парламент, што е намалување за 43 места, додека СД се очекува да освои 147 места, што е намалување од 39 места.
ЕПП и СД, кои досега правеа голема коалиција, веќе не можат сами да обезбедат мнозинство.
Главните групи од крајната десница се очекува да го зголемат своето учество во Европскиот парламент за 23 места.
Во Германија, Зелените напредуваа најмногу, освојувајќи го второто место со нешто над 20% од гласовите, зад конзервативниот блок на канцеларката Ангела Меркел со речиси 28%. Социјалдемократите паднаа на 15%. Десничарската Алтернатива за Германија се очекува да заврши со околу 10% од гласовите.