Утрешните предвремени парламентарни избори во Шпанија може да доведат до заминување на левичарскиот премиер Педро Санчез и промена на курсот кон миграцијата, одбраната и Блискиот Исток, со последици и за европската левица.
Додека деновиве се минува низ ходниците на европските институции во Брисел, се создава впечаток дека луѓето тивко зборуваат за крајот на една ера. Што ќе се случи ако еден од најгласните лидери на европската левица повеќе не биде на масата каде што се носат одлуките? Педро Санчез е еден од ретките социјалдемократски премиери што останаа во Европската Унија, а Шпанија е најголемата земја-членка што сè уште e водeна од таква влада. Затоа овие избори отвораат прашања што одат подалеку од тоа кој ќе владее во Мадрид.
По повеќе од осум години на власт, Санчез распиша предвремени избори на почетокот на октомври, три дена откако парламентот отфрли два итни декрета наменети за справување со станбената криза во Шпанија. Гневот поради наглото растење на трошоците за домување годинава извади илјадници демонстранти на улиците низ целата земја. Малцинската влада на Санчез веќе беше под притисок поради начинот на кој се справи со летната миграциска криза во Сеута, како и поради обвинувањата за корупција насочени кон неговата партија и неговата сопруга, што и двајцата ги отфрлија.
Анкетите објавени на 23 ноември предвидоа тесна трка. Конзервативната Народна партија (ПП) има поддршка од околу 32 проценти, а Социјалистичката партија предводена од Санчез околу 31 процент. Со крајно десничарско-популистичката партија Вокс на третото место со околу 17 проценти, анкетите предвидуваат апсолутно мнозинство за ПП и Вокс заедно. Двете партии сепак би требало да одлучат дали сакаат да владеат во коалиција.
Промената на власта во Мадрид би ја лишила европската левица од еден од нејзините највлијателни гласови, изјави за Дојче веле (ДВ) Хавиер Карбонел, аналитичар за политики во Европскиот политички центар во Брисел.
„Тој глас сега може да замолкне”, вели Карбонел.
Според него, три позиции особено го издвојуваат Санчез: неговата подготвеност да му се спротивстави на американскиот претседател Доналд Трамп, поддршката за палестинската државност и одбраната на имиграцијата во Европа. Санчез е меѓу ретките лидери во ЕУ кои продолжија да тврдат дека мигрантските работници помагаат во пополнувањето на недостигот од работна сила, ја поддржуваат сè постарата популација во Шпанија и Европа и придонесуваат за економски раст. На почетокот од годинава, неговата влада отвори програма за доделување легален статус на мигранти кои веќе живеат во Шпанија и ги исполнуваат условите. Програмата доби повеќе од еден милион пријави.
Шпанската економија порасна за 2,6 проценти минатата година, речиси двојно повеќе од просекот на Еврозоната, а владата очекува бруто домашниот производ да порасне за уште 2,6 проценти оваа година и за 2,2 проценти во 2027 година.
Конзервативната Народна партија водеше кампања за построги мерки за контрола на имиграцијата, но и за задржување на можностите за влез на работници во секторите каде што недостига работна сила. Вокс бара уште поостро ограничување на имиграцијата, повеќе депортации и прекин на легализацијата на статусот за новодојдените мигранти. Партијата исто така смета дека шпанските државјани треба да имаат предност при доделување субвенционирани станови и други социјални бенефиции. Карбонел нагласува дека ваквиот став не е нов на европско ниво.
„Со влада на ПП и Вокс, Шпанија би се приклучила кон општиот европски тренд на антиимиграциска политика”, изјави тој, додавајќи дека може да го замисли Мадрид поблиску до земјите што се залагаат за построги политики за враќање на мигрантите. Австрија, Данска, Германија, Грција и Холандија веќе разговараат со Руанда за воспоставување центар за лица чии барања за азил биле одбиени.
Камино Мортера-Мартинез, соработничка во Центарот за европски реформи, се согласува дека промена во Мадрид би го зајакнала трендот што веќе е во тек во Европа.
„Оваа антиимиграциска тенденција не доаѓа од европските лидери, туку од гласачите”, изјави таа за ДВ.
Друго поле каде што Шпанија потенцијално би можела да го промени курсот и да влијае врз европските партнери е одбранбената политика. Шпанија ги зголеми издвојувањата за одбрана од 1,24% од БДП во 2024 година на 2% во 2025 година, со што го достигна претходниот репер на НАТО. Сепак, Санчез се спротивстави на новата цел на Алијансата според која до 2035 година за одбрана и пошироки безбедносни инвестиции треба да се издвојуваат 5% од БДП годишно. Тој тврди дека Шпанија може да ги исполни своите обврски кон НАТО со трошење околу 2,1% од БДП.
И Народната партија и Вокс поддржуваат повисоки издвојувања за одбраната, но во изборните програми не наведуваат конкретна бројка.
„Тие имаат гласачко тело кое нема проблем со зголемување на трошоците за одбрана, за разлика од Санчез“, рече Мортера-Мартинез.
Мортера-Мартинез очекува промена и во шпанскиот пристап кон Блискиот Исток доколку Санчез ги загуби изборите. „Сегашната влада беше во првите редови во одбраната на последните бастиони на меѓународното и јавното право“, изјави таа.
Шпанија официјално ја призна палестинската држава во мај 2024 година. Санчез ги обвини европските лидери за примена на двојни стандарди, бидејќи силно застанале зад Украина по руската инвазија, а не го бранат меѓународното право со истата решителност на Блискиот Исток. Во април тој се заложи за суспензија на договорот меѓу Европската Унија и Израел, во кој почитувањето на човековите права е суштински дел од меѓусебните односи.
И Карбонел смета дека нова конзервативна влада би била помалку гласна во поддршката за Палестинците. „Санчез успеа да влијае врз луѓето по ова прашање, придвижувајќи го консензусот малку повеќе во пропалестинска насока“, рече тој.
Ако Санчез не успее утре да победи, европските социјалдемократи би ја изгубиле својата најсилна позиција меѓу најголемите земји во Европската Унија. Но, според Карбонел, поразот во Шпанија би можел повторно да отвори дебата во европската левица за тоа како повторно да ги придобие гласачите и да остане политички релевантна и во другите земји.



