Либанската полиција употреби солзавец врз демонстрантитe, а се слушнаа и истрели пред зградата на Парламентот во Бејрут. Демонстрантите се лути за катастрофалната експлозија што се случи во вторникот, за која властите велат дека е предизвикана од 2.750 тони амониум нитрат што од 2013 било складирано на небезбеден начин кај пристаништето. Многумина во Либан коментираат дека несовесноста на Владата довела до експлозијата, во која загинаа најмалку 158 лица, а повредени се околу 6.000.
Околу 200 демонстранти упаднаа во Министерството за надворешни работи, каде запалија документи врамен портрет на претседателот Мишел Аун, кого го обвинуваат за длабоката политичка и економска криза во земјата. Засега не е познато за какви документи станува збор.
„Остануваме овде. Го повикуваме либанскиот народ да ги окупира сите министерства“, рече еден од учесниците на антивладиниот протест. Тие ја повикуваат владата да си даде оставка.
Полицијата потврди дека имало истрели, но не е познато од кого и кон кого.