Политичкиот лидер на баскиската сепаратистичка група ЕТА е уапсен во француските Алпи по 17 години во бегство. Хосу Тернера бил уапсен во заедничка француско-шпанска полициска операција во градот Саланчес.
Тој е обвинет за неколку убиства што ги извршила ЕТА, која 40 години водеше крвава кампања за независност на Баскија, пред да се расформира минатата година. Оваа група е одговорна за повеќе од 800 убиства, а прекин на огнот потпиша во 2011 година.
Тернера бил уапсен откако шпанската полиција добила дојава дека тој е тешко болен и се лекува во една болница. Меѓу другото, Тернера се товари за нападот со автомобил-бомба во Сарагоса во декември 1987 година, кога загинаа 11 луѓе, од кои пет деца.
ЕТА ја почна својата кампања во 1968 година и во Европска Унија важи за терористичка организација. Налог за апсење на Тернера беше распишан во 2002 година и оттогаш беше на листата на најбарани бегалци на Интерпол.