Лидерот на Исламска држава Абу Бакр ал-Багдади се појави во ново видео што го објави оваа терористичка организација, што е негова прва снимка по цели пет години.
Во видеото, тој разговара со тројца луѓе, чии лица се замаглени и притоа дискутираат за неодамнешните настани, вклучувајќи ја и битката за селото Бангуз, последното упориште на Исламска држава во Сирија.
Снимката беше објавена на сервисот за размена на пораки „Телеграм“.
Ова е првпат јавноста да го види ликот на Ал-Багдади откако тој прогласи калифат во Мосул во 2014 година. Непознато е кога видеото е снимено, но во еден момент се споменуваат неодамнешните бомбашки напади во Шри Ланка.
Русија тврдеше дека го убила Ал-Багдади во воздушен напад во 2017 година, но неговата смрт не беше официјално потврдена.