Лидерот на опозицијата во Венецуела Хуан Гуаидо се прогласи за в.д. претседател во пркосниот говор пред толпата народ на антивладините демонстрации што денеска излезе на улиците да бара оставка на претседателот Николас Мадуро.
Тој веднаш беше признаен од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека ќе ја искористи „сета тежина“ на американската економска и дипломатска моќ за да поттикне обновување на демократијата во Венецуела.
Кревајќи ја раката во ритам заедно со десетиците илјади приврзаници, 35-годишниот Гуаидо, кој е претседател на Конгресот каде мнозинство има опозицијата, даде заклетва пред Бога дека ја презема власта и рече дека тоа е негово право според венецуелскиот Устав, и дека ќе биде претседател се додека не се распишат нови избори.
Гуаидо рече дека презема ризичен политички чекор на само 2 недели откако Мадуро го почна вториот 6-годишен мандат, но дека е убеден оти тоа е единствениот начин да се спаси Венецуела од диктатурата и да се обнови уставниот поредок.