Белата куќа кажа дека Лојд Остин ќе остане министер за одбрана и покрај недостигот на транспарентност, откако тој поминал три дена во болница без да го извести претседателот Џо Бајден. Портпаролката Карин Жан-Пјер изјави дека Остин и натаму ја ужива довербата на Бајден.
„Ќе се преиспитаат процедурите по овој инцидент. Ако министер заврши во болница, надредените мора да бидат известени за тоа“, изјави портпаролот на советот за национална безбедност Џон Кирби.
Пентагон откри дека Остин првпат бил примен во болница на 22 декември за неодредена медицинска процедура, но следниот ден се вратил дома. Тој итно бил превезен во воениот медицински центар „Волтер Рид“ во Мериленд на 1 јануари поради сериозни болки и следниот ден дел од неговите задолженија биле префрлени на заменичката Катлин Хикс, која во тоа време била на одмор во Порторико. Сепак, таа дури на 4 јануари дознала зошто Остин не е достапен. Истиот ден и на Бајден првпат му било кажано дека Остин е во болница.
Министерот за одбрана е веднаш зад Бајден во ланецот на командување со американската војска и од него се очекува веднаш да биде достапен во случај на национална безбедносна криза.