Кинески научници сметаат дека смртоносниот коронавирус можеби се пренесол од лилјаци на луѓе преку илегалната трговија на лушпести мравојади, единствениот лушпест цицач на светот, кој високо се цени во Азија во исхраната и медицината.
Иако заштитен со меѓународните закони, лушпестиот мравојад е еден од најбараните цицачи на пазарите во Азија, бидејќи неговото месо се смета за деликатес, а лушпите се користат во традиционалната медицина.
„Ова последно откритие ќе биде од големо значење за превенцијата и контролата на потеклото на вирусот“, соопшти Земјоделскиот универзитет на Јужна Кина, кој го спроведе истражувањето.
Истражувањето покажало дека геномската секвенца на новиот коронавирус издвоена од лушпест мравојад е 99% идентична со онаа кај заразените луѓе.
Се верува дека заразата почнала на пазар во кинескиот град Вухан, каде што на големо се продаваат живи диви животни. Здравствените експерти сметаат дека таа првично се развила кај лилјаци и потоа се пренесла на луѓето преку друг животински вид.
Од почнувањето на заразата пред нова година починаа 636 луѓе, а над 31.000 се заболени.