По Париз и Мелбурн, властите во Мадрид најавија дека ќе ги одземат лиценците за работа на трите компании за изнајмување електрични скутери. Градоначалникот Хозе Луис Мартинез-Алмеида ја објави одлуката на 12 септември, а од локалниот Совет изјавија дека дека трите компании не ги исполниле условите наведени во нивните дозволи, кои беа доделени во мај 2023.
Советот рече дека компаниите ги блокирале неговите напори за проверка на нивните активности со тоа што не ги дале потребните информации или не дозволувале пристап до нивните извештаи. Сепак, Советот успеал да утврди дека не ги исполниле условите од дозволите.
„Овие дефекти вклучуваат недостаток на услуга низ целиот град, недостаток на осигурително покритие и отсуство на технологија што ги спречува возилата да циркулираат или паркираат во забранети области“, се вели во извештајот.
„Лајм“, „Дот“ и „Тиер“ беа компаниите кои беа избрани да понудат изнајмување е-скутери во Мадрид, со дозволи за по 2.000 скутери.
Одлуката на Советот значи дека „скутерите за изнајмување ќе исчезнат од градот од октомври“, се вели во извештајот.