Претседателот на Венецуела Николас Мадуро тврди дека го поразил „обидот за пуч“ на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо.
Десетици припадници на Националната гарда застанаа на страната на опозицијата во вчерашните судири на улиците на Каракас, во кои имаше повеќе од 100 повредени, но Мадуро вели дека Гуаидо не успеал да ја сврти армијата против него. Од друга страна, Гуаидо инсистира дека Мадуро ја изгубил контролата врз вооружените сили и дека наскоро ќе дојде до мирна транзиција на власта. Тој ги повика своите приврзаници и денеска да излезат на улиците на Венецуела.
Во своето телевизиско обраќање по вчерашниот тензичен ден, Мадуро ги обвини демонстрантите за „сериозни злосторства што нема да поминат неказнето“. И тој ги повика своите приврзаници да излезат на улица и ги обвини САД дека прават заговор против него.
Мадуро ги демантираше изјавите на државниот секретар Мајк Помпео дека го чекал авион за да го превезе на Куба.
Тензиите во Венецуела одново се заострија вчера, откако Гуаидо објави видеопорака во којашто стои покрај униформирани лица, тврдејќи дека добил поддршка од „храбри војници“ во Каракас. Тој во својот краток говор ја најави завршната фаза од соборувањето на режимот на Мадуро.