Македонија е меѓу 80 држави кои му дадоа поддршка на територијалниот интегритет на Украина на масовниот мировен самит во Швајцарија и усвоија декларација со која Русија беше целосно обвинета за уништувањата и страдањата во Украина, што Киев го опиша како голем успех.
Сепак, држави како Индија, Мексико, Ерменија, Саудиска Арабија и Јужна Африка не ја потпишаа.
Самитот што се одржа во луксузно одморалиште близу Луцерн имаше за цел да создаде најширока можна поддршка за процес кој би помогнал да се стави крај на војната и учествуваа повеќе од 90 држави и организации. Русија не беше поканета, додека Кина одби да присуствува, поради што некои фрлија сомнеж врз ефективноста на самитот.
Од учесниците, Саудиска Арабија кажа дека Украина ќе мора да направи тешки компромиси, додека Кенија збореше против санкциите против Русија.
Во финалниот документ се бара Украина да ја поврати контролата врз нуклеарната централа Запорожје и своите пристаништа на Азовско Море. На самитот не се разговараше за статусот на териториите кои моментално се под руска окупација, што беше оставено за другпат.
„Сите знаеме дека ова е само почеток на патот кон мирот. И иако некои од нас имаа различни мислења како да се постигне мир во Украина, ние сме целосно обединети во принципите и вредностите“, кажа холандскиот премиер Марк Руте.
Русија го опиша самитот како губење време, а Владимир Путин претходно ги изнесе своите услови за примирје, како откажување на Украина од аспирациите за членство во НАТО и нејзино целосно повлекување од четирите региони кои Русија нелегално ги анектираше во 2022. Неговите предлози беа отфрлени од Украина и западните лидери.