Мандатарот за словенечка влада, претседателот на Движењето Слобода Роберт Голоб, кажа дека кандидат за министер за дигитална трансформација ќе биде Македонката Емилија Стојменова Дух.
Таа на неодамнешните избори беше кандидат на Социјалдемократите, но во вторникот ја напушти партијата и сега е кандидат за министер на партијата на Голоб.
“Движењето Слобода ме препозна како личност која може да помогне со носење на ефективна и успешна дигитална трансформација и јас сум им благодарна за тоа” изјави Стојменова за Н1.
Стојменова е родена 1985 година во Македонија, а во 2002 година, а по завршување на вторa година во природно-математичката гимназија во Виница се преселила во Марибор. Стојменова е професорка на Факултетот за електроинженеринг на Универзитетот во Љубљана.
Во 2021 година, женскиот магазин „Јана“ ја номинираше за избор на „Словенка на годината“.
Во интервју за хрватскиот Т-Портал за време на изборната кампања во Словенија кога настапуваше како кандидат на социјалдемократите Стојменова Дух изјави дека кога ја напуштила Македонија била разочарана од политичката ситуација во земјата.
„Да ми кажеше некој пред март 2020 кога беше формирана Владата на Јанез Јанша дека ќе одам во политика, би му рекла дека е луд/луда“, изјави Стојменова Дух. Но, според неа Словенија веќе не е напредната земја во која се доселила и затоа што ја сака Словенија и затоа што не сака повторно да бега поради погрешно водење на земјата, решила да влезе во политиката.
За време на предизборна дебата на јавниот сервис ТВ Словенија лидерот на конзервативната Словенечка национална партија Змаго Јелинчиќ ја нападнал дека не знае добро словенечки и од неа барал да ги наброи сите странци што направиле нешто добро за Словенија.
Таа вели дека во Словенија се чувствувала добродојдена, особено затоа што живее во Марибор, за кој вели дека е словенечки Балкан, но во последно време имало говор на омраза против неа, особено на социјалните мрежи.
„Никому не му пречеше дека сум доселена кога со десничарите работев на проектот за паметни села. А сега, тие исти луѓе би ме вратиле од кај што сум дошла. Не запираат само на лични навреди, туку одат дотаму што го навредуваат целиот македонски народ и народите на другите доселеници. Е тоа најмногу ме вознемирува и боли“, изјави Стојменова Дух за хрватскиот Т-Портал, објаснувајќи зошто оваа професорка на Електротехничкиот факултет во Марибор и стручњак за дигитализација решила да влезе во политиката.