Емануел Макрон кажа дека ќе ги забрани социјалните мрежи за помладите од 15 години во Франција ако во следните месеци нема напредок по ова прашање на ниво на Европска Унија.
Грција, поддржана од Шпанија и Франција, ги предводи напорите во ЕУ за значајно намалување на времето што младите го поминуваат на интернет. Макрон сака да ја убрза работата, реагирајќи на вчерашното убиство на образовен асистент во средно училиште, што го извршил 14-годишник.
„Нема да чекаме“, порача Макрон.
Тој најави дека ќе се воведе проверка на возраста на сајтовите кои продаваат ножеви на интернет, слично на порнографските сајтови.
„Петнаесетгодишник веќе нема да може да купи нож преку интернет. Тоа значи дека ќе воведеме големи финансиски казни и забрани“, кажа францускиот претседател.
Макрон потоа најави забрана на социјалните мрежи за помладите од 15 години.
„Платформите имаат способност за проверка на возраста. Да го направиме тоа“, рече тој.
Француските власти веќе притискаат некои дигитални платформи, како Икс, Редит и Мастодон, да воведат проверка на возраста на корисниците, класифицирајќи ги како порнографски сајтови.