Бразилската влада објави дека ќе ја одбие помошта од државите од Г7 за борба против пожарите во Амазонија.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше домаќин на последниот самит на Г7, изјави дека државите се согласиле да донираат 22 милиони долари за актуелната криза со пожарите. Бразил не ја кажа причината за неприфаќањето на овие пари, но претседателот Болсонаро претходно го обвини Макрон дека Франција ја третира неговата земја како колонија.
Бразилскиот министер за одбрана изјави дека пожарите во Амазонија не се надвор од контрола. Тој додаде дека 44.000 војници се ангажирани во гаснењето.
„Благодариме, но можеби тие пари се поважни за дождовните шуми во Европа. Макрон не може да избегне предвидлив пожар на црква која е од светско значење, а сака да ѝ држи лекции на нашата земја. Бразил може да одржи лекција на секоја земја како се заштитуваат шуми“, изјави шефот на кабинетот на Болсонаро, Оникс Лоренцони.
Рекорден број пожари избувнаа во Бразил оваа година, повеќето од нив во Амазонија, што Макрон го опиша како меѓународна криза.