МАКРОН ПОВИКА НА ФОРМИРАЊЕ ДЕМОКРАТСКА КОАЛИЦИЈА ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ ПОБЕДАТА НА КРАЈНАТА ДЕСНИЦА НА ИЗБОРИТЕ ВО ФРАНЦИЈА

    МАКРОН ПОВИКА НА ФОРМИРАЊЕ ДЕМОКРАТСКА КОАЛИЦИЈА ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ ПОБЕДАТА НА КРАЈНАТА ДЕСНИЦА НА ИЗБОРИТЕ ВО ФРАНЦИЈАМакрон вети дека ќе земе поцврст став кон имиграцијата, безбедноста и правдата (Фото: АП)

    Емануел Макрон денеска ги повика ривалските партии од двете страни на политичкиот спектар да му се придружат во демократска унија, со цел да се спречи победата на крајната десница на претстојните вонредни парламентарни избори во Франција.

    Тој неочекувано го распушти парламентот во неделата и свика вонредни избори набргу откако стана јасно дека Народен фронт на Марин Ле Пен победи на изборите за Европскиот парламент. Анкетите покажуваат дека антиимиграцискиот и евроскептичен Народен фронт ќе стане најсилната партија во Франција по изборите на 30 јуни и 7 јули, иако можеби нема да има апсолутно мнозинство.

    Макрон призна дека направил грешки, велејќи дека Французите ја изразиле својата огорченост.

    „Изборите ќе дадат јасност. Ги повикувам нашите сонародници и политички лидери кои не се гледаат себеси во екстремистичката треска да изградиме нов проект, владејачка коалиција која ќе дејствува во служба на Французите и републиката“, рече Макрон.

    Тој вети дека ќе земе поцврст став кон имиграцијата, безбедноста и правдата, тврдејќи дека екстремната левица склона кон антисемитизам би била премногу лабава, додека екстремната десница ќе го уништи владеењето на правото на Франција.

    Тој ја нападна конзервативната партија Републиканци, чиј лидер Ерик Сјоти вчера предизвика политички потрес во земјата, нудејќи унија со Народен фронт.

    „Маските паднаа сега кога некои партии сакаат да формираат неприродни коалиции“, кажа францускиот претседател.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира