Доживотната посветеност кон службата на кралицата Елизабета Втора беше славена на погребната миса во нејзина чест во Вестминстерската катедрала, на која присуствуваа 2.000 луѓе, меѓу кои и околу 500 монарси, претседатели и премиери од цел свет.
Одејќи зад ковчегот со телото на мајка му, кралот Чарлс Трети ја предводеше 16-минутната поворка од Вестминстерската хала до катедралата, една од трите денеска. Таму се обратија премиерката Лиз Трас и надбискупот од Кантербери, Џастин Велби.
„Тагата од овој ден, што ја чувствува не само семејството на покојната кралица, туку и насекаде низ нацијата, Комонвелтот и светот, произлегува од нејзините богат живот и сакана служба, кои сега веќе ги нема. За 21. роденден, таа славно објави дека ќе го посвети животот на служењето на нацијата и Комонвелтот. Како ретко кога, тоа ветување беше така добро исполнето. Малкумина лидери добиле излив на љубов каков што гледаме денеска“, кажа Велби.
Меѓу светските лидери кои присуствуваа на мисата беа и Џо Бајден, Џастин Трудо, Емануел Макрон и Жаир Болсонаро, потоа шестмина поранешни британски премиери и бројни монарси, како јапонскиот цар Нарухито и кралевите на Белгија, Холандија, Норвешка, Шведска и Шпанија. Во катедралата беа и 18-мина членови на кралското семејство, вклучувајќи ги и правнуците на Елизабета, Џорџ и Шарлот.
Последното почивалиште на кралицата ќе биде во капелата „Сент Џорџ“ во замокот Виндзор, каде што ќе биде погребана попладнево.
Безбедносната операција која го следи погребот е опишана како најголема во британската историја и вклучува над 10.000 полицајци.