Канада од денеска е втората држава на светот во која легално може да се купи марихуана.
Првата купопродажба беше остварена на полноќ по локално време на источниот остров Њуфаундленд, откако стотици луѓе со часови чекаа во редици да се отворат продавниците.
Откако во 2001 година ја легализираше медицинската употреба, Канада на овој начин го следи примерот на Уругвај, станувајќи најголемиот светски пазар на марихуана.
Во исто време, канадската влада најави дека е подготвена да ги помилува сите лица кои имаат полициско досие за поседување 30 или помалку грама марихуана.
Јан Пауер од градот Сент Џон вели дека застанал во редица уште во 20 часот „за да може да испише историја“.
„Ми беше сон да станам прва личност во Канада која легално купила грам марихуана и тоа конечно ми се оствари“, кажа Пауер.
Канадските провинции и општини со месеци се подготвуваа за овој ден и тие самите решаваат каде и како ќе продаваат. Се очекуваше на првиот ден да се отворат најмалку 111 продавници за марихуана, но не и во Онтарио, во кој припаѓа и Торонто.
„Го живеам мојот сон. Тинејџерот во мене го сака она што го правам со мојот живот сега“, изјави Том Кларк, сопственик на продавница во Њуфаундленд.