По речиси седум недели интензивни напади и бомбардирања, се чини дека руските сили се на прагот да го освојат целиот Мариупол. Илјадници луѓе досега загинаа во руската опсада, која почна во почетокот на март и преостанатите украински борци се кријат во огромната челичарница „Азовстал“, која се простира на површина од над 11 квадратни километри. Нивниот точен број не е познат, додека Москва вели дека ги има околу 2.500.
Освојувањето на Мариупол е важно за Русија од повеќе аспекти.
Географски, Мариупол зафаќа мала област на мапа, но стои на патот на руските сили од анектираниот полуостров Крим. Заземањето на градот ќе им овозможи копнен мост меѓу Крим и отцепените региони во источна Украина и ќе ослободи дополнителни трупи за планираната голема офанзива на Донбас.
Економски, Мариупол е најголемото пристаниште на Азовско Море и извозен центар за украинските челик, јаглен и пченка. Таму исто така се наоѓаат огромни челичарници и падот на Мариупол би бил голем удар за украинската економија.
Овој град е дом на украинска милиција наречена Азовска бригада, која вклучува крајнодесничарски екстремисти и неонацистички елементи. Иако бригадата е само мал дел од украинските вооружени сили, таа беше корисна пропагандна алатка за Москва, преку која ја дискредитираше владата во Киев.
Владимир Путин смета дека украинското црноморско крајбрежје припаѓа на нешто што се нарекува Нова Русија, руски земји кои датираат од царството од 18. век. Путин сака да го оживее тој концепт и да ги „ослободи Русите од тиранијата на прозападната влада во Киев“.
Борбите за Мариупол продолжуваат и по денешниот ултиматум на Русија.
„Преостанатите украински сили продолжуваат да се борат и го одбија барањето на Русија да се предадат. Градот сè уште не паднал, Русите сè уште немаат целосна контрола“, изјави украинскиот премиер Денис Шмихал.