Твитер се закани дека ќе покрене тужба против „Мета“ поради нејзината нова апликација Тредс, која беше лансирана вчера и веднаш собра повеќе од 30 милиони корисници. Тредс многу наликува на Твитер и Марк Закерберг ја опиша како негова попријателска алтернатива.
„Конкуренцијата е во ред, мамењето не е“, кажа шефот на Твитер, Илон Маск.
„Мета“, која ги поседува Фејсбук и Инстаграм, ги негираше тврдењата дека поранешни вработени во Твитер помогнале во создавањето на Тредс. И покрај тоа, адвокатот на Твитер, Алекс Спајро, му испратил писмо на Закерберг, во кое ја обвини „Мета“ за систематско, намерно и незаконско присвојување трговски тајни и друга интелектуална сопственост на Твитер за да ја создаде Тредс.
„‘Мета‘ ангажираше десетици поранешни вработени во Твитер кои имале пристап до трговските тајни и други високодоверливи информации на компанијата, што ѝ помогнало на ‘Мета‘ да ја создаде копијата на Твитер, Тредс. Бараме од ‘Мета‘ веднаш да престане со нивното користење“, стои во писмото на Спајро.
Портпаролот на „Мета“, Енди Стоун, изјави дека во инженерскиот тим на Тредс нема поранешни вработени во Твитер.
Тредс вчера беше лансирана во повеќе од 100 држави, но не и во Европската Унија поради можни регулаторни проблеми. Иако е поврзана со Инстаграм, Тредс функционира како самостојна апликација.