Новиот сопственик на „Твитер“, Илон Маск, изјави дека компанијата би можела да банкротира, што следува откако тој доби сериозно предупредување од американските регулатори и уште неколкумина извршни директори поднесоа оставки.
Федералната комисија за трговија соопшти дека ги следи случувањата во „Твитер“ со голема загриженост, предупредувајќи го Маск дека никој не е над законот.
Компанијата е во хаос откако пред две недели беше купена од Маск за 44 милијарди долари, по што беа отпуштени речиси половина од 8.000 вработени низ цел свет и беше воведено плаќање за верификација на профилите. Последните кои го напуштија Маск се директорите надлежни за приватност и усогласеност, а оставка поднесол и Јоел Рот, кој го водеше тимот за спречување на ширењето на говор на омраза и дезинформации.
Во мејлот испратен до сите вработени, Маск не ја исклучил можноста од банкрот, јавува „Блумберг“.
„‘Твитер‘ нема да биде во можност да го преживее претстојниот економски пад доколку не успее да ги зголеми приходите од претплатата, со што би се надоместил падот на приходите од реклами“, предупредил Маск.
Неколку големи огласувачи изразија загриженост од насоката во која што Маск го води „Твитер“. Токму рекламите се неговиот најголем извор на приходи и некои големи огласувачи, како „Џенерал моторс“, „Фајзер“ и „Фолксваген“, ги паузираа своите инвестиции.