Директорот на Центарот за контрола и превенција на болести на САД, Роберт Редфилд, изјави дека ќе биде потребна една година пред вакцина против ковид-19 да стане достапна за пошироката американска јавност и Доналд Трамп побрза да го исправи, тврдејќи дека тоа ќе се случи за неколку недели.
Во своето сведочење во Сенатот, Редфилд кажа и дека маските можат да бидат поефективни од вакцините.
„Вакцина против ковид-19 би требало да стане општо достапна во средина на 2021 година“, изјави Редфилд.
Трамп кажа дека тој бил збунет кога го рекол тоа.
„Мислам дека тој направи грешка. Јас верувам дека вакцина ќе биде исфрлена многу порано, тоа е прашање на недели. Дистрибуцијата ќе почне штом таа биде одобрена од Агенцијата за храна и лекови“, рече Трамп.
Неколку компании се во напредна фаза од тестирањето на можна вакцина, но досега ниедна не е потврдена како безбедна и ефективна. Според Редфилд, вакцинирањето би можело да почне во ноември/декември, но во ограничен обем и додаде дека маските се најсилната и најважна алатка која ја имаме во борбата против ковид-19.
„Заштитната маска ми гарантира подобра заштита од ковид-19 од вакцина“, изјави тој, појаснувајќи дека вакцина можеби нема на сите да им обезбеди имунитет.