Маж од Аризона почина, а неговата сопруга е во критична состојба откако двајцата испиле хлорохин, наводно обидувајќи се да се излекуваат од коронавирус, објави тамошниот здравствен систем Банер хелт.
Доналд Трамп го истакна хлорохинот како можен третман за КОВИД-19, но тој е и адитив што се користи за чистење на аквариуми. Администрацијата за храна и лекови на САД го има одобрено хлорохинот како лек за маларија, лупус и ревматоиден артритис, но не и за коронавирусот.
За разлика од Трамп, експертите на Банер хелт предупредуваат дека хлорохинот е лек за маларија и не би требало да се користи за третман или превенција од коронавирусот. Оттаму кажаа дека двојката во 60-ти години почнала да се чувствува лошо половина час по земањето на лекот.
И македонските здравствствени власти предупредија на опасност од самостојно земање терапија. Министерот за здравство Венко Филипче апелираше граѓаните да не земаат лекови на своја рака откако аптеките јавија за невообичаен интерес за купување од антибиотикот „сумамед“. Некои купувале и по 10 пакетчиња од антибиотикот.
Претседателката на Комисијата за имунизација и професор на Фармацевтскиот факултет при УКИМ д-р Александра Грозданова вели дека „сѐ уште е многу рано да се потврди ефикасноста и безбедноста на сите комбинации од лекови, откако научната јавност последните денови се заинтересира за студијата од Марсеј, каде 20 пациенти заболени од КОВИД-19 беа третирани со комбинирана терапија од хидроксихлорохин и азитромицин“. Таа вели дека оваа терапија е релативно достапна, бидејќи станува збор за лекови кои повеќе децении се користат, но мора да се има предвид дека истата е со одредени несакани ефекти кај дел од пациентите.
„Употребата на ваков вид терапија на своја рака е исклучително ризична, може да биде дури и фатална“, предуредува д-р Гроздановска.