ОБЕЗБЕДЕНА Е ТЕРАПИЈА ЗА ЗАРАЗЕНИТЕ СО КОРОНАВИРУСОТ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ ОТКАКО Е ЗАБЕЛЕЖАНО ДЕКА ГРАЃАНИ КУПУВАЛЕ И ПО ДЕСЕТ ПАКЕТЧИЊА „СУМАМЕД“

    ОБЕЗБЕДЕНА Е ТЕРАПИЈА ЗА ЗАРАЗЕНИТЕ СО КОРОНАВИРУСОТ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ ОТКАКО Е ЗАБЕЛЕЖАНО ДЕКА ГРАЃАНИ КУПУВАЛЕ И ПО ДЕСЕТ ПАКЕТЧИЊА „СУМАМЕД“„Денес имаме седум помалку заразени од претходниот ден, што е охрабрувачко, но и е не мора ништо да значи.“ - Министерот за здравство Венко Филипче на седница на кризниот штаб во Владата.(Фото: Влада на РСМ)

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека е обезбедена целата потребна терапија за лекување на КОВИД-19 предизвикана од новиот коронавирус и рече дека е опасно граѓаните сами да си купуваат антибиотици.

    Бројката на заболени во земјава стигна на 136, од кои 1 пациентка е излекувана, а двајца починаа.

    „Денес имаме седум помалку заразени од претходниот ден, што е охрабрувачко, но и е не мора ништо да значи. Сѐ уште сме во тренд на зголемување на бројката, но верувам дека мерките ќе дадат резулатите“, вели министерот.

    „Со оглед на тоа дека излегоа повеќе студии од веќе аплицираната терапија, ја обезбедивме целата потребна терапија за навистина голема бројка, т. е. комбинацијата на терапијата која дава добри резултати. Според процедурата, треба да се прифати протокол на стручен колегиум на Комисијата за заразни болести, што и се направи утрово, а утре формално-правно ќе се заврши постапката за употреба на оваа терапија од МАЛМЕД, и ќе биде аплицирана на сите пациенти каде е индициран вирусот. Повторувам, ова е „офф-лејбл“ терапија, за која допрва се прават клинички студии, но се покажа дека дава резултати“, кажа министерот.

    Филипче апелира до граѓаните дека не е добро на своја рака да се лекуваат со антибиотска терапија, откако во јавноста излегоа информации дека граѓаните масовно го купуваат антибиотикот „сумамед“. Биле забелeжени случаи граѓани да купуваат и по 10 пакувања од овој силен антибиотик, откако беа објавени написи во медиумите дека комбинацијата на овој антибиотик со лек против маларија е онаа која покажала резултати за лечење од коронавирус.

    „Во нашите аптеки се донесе одлука ‘сумамед’ да се издава само на трошок на Фондот за здравствено осигурување, со рецепт од матичен лекар. Апелирам да не се прават залихи, навистина има доволно количина во нашата земја“, додаде министерот.

    Тој не прецизираше дали ќе се казнуваат аптеките кои досега го издавале „сумамед“ без рецепт или со несоодветен рецепт.

    Од денеска во земјава функционираат 14 пункта за тестирање од КОВИД-19, а во Скопје се поставени во поликлините во Ченто и во Јане Сандански. Пунктовите се објавени на сајтот на Мој термин, и со ова се вклучени сите 1.200 матични лекари.

    Секој пациент со симптоми, може да се јави и да ги каже на матичниот лекар. Согласно податоците, има електронски алгоритам и согласно степенот на итност, ќе се закаже термин во еден од 14 пункта во државата. Ќе бидат земени брисеви, и пациентот ќе биде известен и согласно состојбата ќе биде заземен став за лекување, дали дома или во инфективно одделение на болница.

    Филипче кажа и дека за пациентите кои примаат инсулинска терапија, рецептот може да го продолжат телефонски и директно да го подигнат од аптека.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари